Драцената (Dracaena) потекнува од тропските краеви на Африка и има околу 40 видови. Ова собно растение е многу елегантно, со прекрасни свиткани зелени листови кои може да бидат еднобојни или со линии. Зависно од видот, расте од 1 до 3 m.

Растот се одвива така што на врвот на стеблото растат нови листови, а старите кои се на дното на стеблото постепено отпаѓаат. Така со време стеблото оголува и драцената наликува на палма. Расте релативно бавно, а растението е многу долговечно.

Најдобро е да ja сместите во светла просторија, подалеку од директно сонце, но избегнувајте ходници или скалишни простори кои се студени и може да имаат провев.
Идеална температура е околу 17-27°C. Во текот на зимата може да биде и малку пониска, но не под 15°C бидејќи студот му пречи на растението и тоа може да угине. Во зима треба и да престанете со прихранување. Во лето залевајте го на секои 3-4 дена, а во зима поретко но земјата одржувајте ја влажна и не дозволувајте да се исуши. Ако е во просторија каде има централно греење и воздухот е сув оросувајте го редовно. Повремено избришете ги листовите со влажна крпа.

Се размножува со семе или со резници. И двата начини се многу едноставни и успешни. Доколку набавите семе, најдобро е да го насадите во март. Ставете го на топло место, добро покријте го со најлон и ставете го на прозорец кој го грее сонце. Во периодот на ‘ртење најдобро е температурата да биде 27-28°C, а кога ќе почне да расте 24°C. Пресадете го младото растение во саксија со дијаметар 7-9 cm и ставете го на место каде нема провев. Пресадувајте го на секои две години во поголеми саксии, а некогаш и секоја година, во зависност од тоа колку пораснало. На дното на саксијата ставете чакал или парчиња цигла за подобра дренажа.
Доколку му паѓаат листовите кои не пораснале целосно, тоа е прв знак дека растението е премногу или премалку залевано, или е во просторија каде е сместено температурата е прениска.

 Содржините на оваа интернет-страница се во сопственост на Tiara Flower Прилеп и истите се заштитени со авторски права и други сопственички права. Секое копирање на содржините не е дозволено без одобрение на цвеќарата.